Правила за организирање и водење на штрајк во “МТ“
20.01.2003Врз основа на Законот за штрајк и Статутарните правила на Синдикалната организација на АД Македонски телекомуникации, Синдикалниот одбор на СО на МТ, на својата XXV седница од 16.01.2003 година ги усвои
П Р А В И Л А
за организирање и водење штрајк во АД Македонски телекомуникации
1. Со овие Правила се регулираат правата, обврските и одговорностите на органите и телата на Синдикалната организација на АД Македонски телекомуникации во организирањето и водењето на штрајкот.
2. Во АД Македонски телекомуникации штрајкот се организира и води согласно Законот за штрајк, Колективниот договор и овие Правила.
3. Штрајкот во АД Македонски телекомуникации е организиран прекин на работа, како резултат на неможноста за остварување на правата од работен однос утврдени со закон и Колективен договор или како резултат на непочитување на одредбите од Колективниот договор на АД МТ од страна на работодавецот.
4. Штрајкот може да биде организиран со прекин на работа во време покусо од полното работно време, еден или повеќе работни денови.
Доколку штрајкот е организиран со прекин на работа во време покусо од полното работно време, тој има функција на предупредувачки штрајк.
5. Штрајкот може да биде организиран во еден или повеќе организациони делови на МТ или на ниво на АД МТ, како генерален штрајк.
6. Штрајкот се одвива во просториите на АД МТ, а за време на штрајкот може да биде организиран и протест кој се организира пред главното седиште на АД МТ или на други локации за кои одлучува органот на Синдикатот.
7. Одлука за стапување во штрајк во АД МТ донесува органот на Синдикалната организација на МТ.
Во Одлуката за организирање штрајк се наведува датумот на почетокот на штрајкот, времетраењето, нивото на организирање (предупредувачки, на ниво на организационен или организациони делови или генерален штрајк), составот на штрајкувачкиот одбор и друго.
Барањето, односно барањата се составен дел од Одлуката за организирање на штрајк.
8. Штрајкувачкиот одбор е Синдикалниот одбор на Синдикалната организација на МТ. Штрајкувачкиот одбор одредува група за преговори. За текот на преговорите се информира штрајкувачкиот одбор и членството.
9. Органот на Синдикалната организација на МТ пред да донесе Одлука за организирање на штрајк, спроведува постапка за изјаснување на членството.
За начинот на спроведување на постапката за изјаснување на членството за организирање на штрајк одлучува органот на Синдикалната организација на МТ.
10. Штрајкот се најавува не помалку од 15 дена пред денот определен за почеток на штрајкот, со доставување на Одлуката за стапување во штрајк до надлежниот орган кој треба да ги оствари синдикалните барања.
11. Во периодот од најавата на штрајкот до денот определен за почеток на штрајкот, Штрајкувачкиот одбор (групата за преговори) е должен да преговара со надлежниот орган заради решавање на спорните прашања, односно барањата на Синдикалната организација на МТ.
12. Доколку во преговорите до отпочнување на штрајкот не се постигне согласност за спорните прашања, органот на Синдикалната организација на МТ Одлуката за штрајк ја активира.
Доколку во преговорите до отпочнување на штрајкот се постигне согласност за спорните прашања или за дел од нив, органот на Синдикалната организација на МТ кој ја донел одлуката за стапување во штрајк одлучува за неактивирање на штрајкот или за негово ставање во мирување.
13. Органот на Синдикалната организација на МТ донесува Упатство за водење на штрајкот во кое поблиску се регулираат прашањата поврзани со обезбедувањето на минимум на процесот на работа, информирањето, начинот на спроведување и други прашања поврзани со организирањето и спроведувањето на штрајкот.
14. За време на штрајкот, Штрајкувачкиот одбор ги врши следниве работи:
- ги информира работниците и јавноста за Одлуката за стапување во штрајк, за синдикалните барања и за текот и резултатите од преговорите во врска со штрајкот (преку конференции за печат, соопштенија и други форми на информирање);
- се грижи за обезбедување услови за нормално одвивање на штрајкот, редот и мирот во текот на штрајкот, ги оневозможува и спречува појавите кои можат да им наштетат на целите на штрајкот и достоинството на неговите учесници, гласините, дезинформациите и обидите за манипулација на штрајкот и неговите учесници;
- преговара за спогодбено решавање на спорот, исполнување на синдикалните барања при што може да формира и нови барања и за тоа ги информира учесниците во штрајкот;
- по завршувањето на штрајкот изготвува информација за текот и резултатите од штрајкот, која по усвојувањето од органот на Синдикалната организација се доставува до членството.
15. Органот на Синдикалната организација на МТ носи Одлука за прекин на штрајкот ако се постигне согласност за спорните прашања или за дел од нив.
16. По завршувањето на штрајкот престанува важењето на Одлуката за штрајк и сите функции на штрајкувачкиот одбор.
17. Органот на Синдикалната организација на МТ и работодавецот (органот на управување) склучуваат писмена спогодба за начинот и обемот на остварување на правата што биле нарушени и претставувале основ за стапување во штрајк.
18. Во случај кога Синдикалната организација на МТ не е организатор на штрајкот, органот на Синдикалната организација на МТ е должен да изгради став кон штрајкот и врз основа на тој став на соодветен начин да се ангажира.
19. Измените и дополнувањата на овие Правила се донесуваат на начин и постапка како за нивно донесување.
20. Овие Правила стапуваат во сила со денот на нивното усвојување.
|
СО на МТ, Претседател Јордан Сандев |