XXVI седницата на одборот на синдикалната организација на МТ
21.02.2003Одборот на Синдикалната организација на АД МТ, на својата седница од 30.01.2003 година расправаше во врска за изјавите во медиумите од страна на поранешни и сегашни одговорни лица во Компанијата и усвоените одредби од Бизнис планот на МТ. Притоа, Одборот на Синдикалната организација ги донесе следните заклучоци:
1. Синдикалниот одбор на СО на МТ бара од Владата на Република Македонија, која е сопственик на 47% од акционерскиот капитал на АД МТ, директно или индиректно, преку своите претставници во Одборот на директори на МТ, да ја утврди фактичката состојба во однос на потребниот број на вработени во Компанијата преку преиспитување или констатирање на одредбите од Техничката понуда на МАТАВ, доставена при процесот на приватизација и Акционерскиот договор помеѓу Владата на РМ и МАТАВ со одредбите од Бизнис планот на Компанијата за периодот од 2003 до 2005 година, а поврзани со прашањето на бројот на вработените.
2. Доколку се констатира неусогласеност помеѓу гореспоменатите документи во поглед на непостоењето на основ за редуцирање на вработените во Компанијата, Синдикалната организација на МТ бара од Владата на РМ, односно од нејзините претставници во Одборот на директори во АД МТ покренување на постапка за преиспитување на одредбите од Бизнис планот, кои што се однесуваат за бројот на вработените во Компанијата.
3. Со цел на соодветен начин да ги планира и реализира своите наредни активности што се однесуваат на статусот на вработените во Компанијата и нивна адекватна заштита, Синдикалната организација на АД МТ очекува да биде известена за резултатите од погоре изнесеното во што е можно покус рок. Во таа насока, Синдикалната организација на МТ е подготвена за конструктивна соработка со Владата на РМ или нејзините претставници во Одборот на директори во поглед на констатирањето на претходно изнесеното.
4. Доколку Компанијата превземе активности за намалување на бројот на вработени согласно одредбите од Бизнис планот, Синдикалната организација на МТ ќе ја разгледа можноста за покренување постапка за негово правно оспорување, бидејќи истиот не е усвоен согласно процедурата утврдена во Акционерскиот договор и неговата неконзистентност со Техничката понуда на МАТАВ.
ЗАКЛУЧОЦИТЕ СЕ ИСПРАТЕНИ ДО ВЛАДАТА НА РМ (ПРЕМИЕРОТ) И РЕСОРНОТО МИНИСТЕРСТВО