Новогодишен и божиќен додаток
24.02.2003Информацијата која е доставена од Ваша страна (бр.5393/1 од 05.02.2003 година) до Одборот на Синдикатот на МТ, во врска со остварувањето на правото на Новогодишниот и Божиќниот додаток согласно член 92 од Колективниот договор на МТ беше разгледана на нашата седница од 17.02.2003 година при што беше заклучено следното:
1. Бараме до крајот на месец февруари 2003 година да се оствари правото на вработените во Компанијата утврдено во член 92 став 3 точка 9 од КД на МТ.
2. Доколку не се оствари ова право од Колективниот договор, Синдикатот ќе покрене судска постапка за негово остварување.
3. Овој заклучок да се достави и до Претседателот на Одборот на директори на АД МТ, како потписник на Колективниот договор.
Образложение
Синдикатот не можеше да изнајде аргументи во Вашиот допис бр.5393/1 од 05.02.2003 година и да го прифати она што е таму наведено од следните причини:
1. Очигледно постои терминолошка разлика во поимот "согласно финансиските резултати", при што од Ваша страна се потенцирани два и тоа: ЕБИДТА и РЕВЕНУЕС (приходи) притоа не водејќи сметка дека овие поими во никој случај не можат да добијат третман на финансиски резултати, туку истите претставуваат финансиски показатели.
Во економската теорија и регулативата во РМ поимот финансиски резултат значи остварена добивка (профит) или загуба на крајот од пресметковниот период, во кој се гледа успешноста или неуспехот во работењето на една компанија.
Во нашиот случај, Компанијата за наши прилики има остварено висок профит, што значи дека има позитивен финансиски резултат независно од тоа како и колку истиот бил планиран.
2. Доколку кај работодавецот (Компанијата) постоела дилема околу значењето на терминот "согласно финансиксиот резултат", во тој случај имал право согласно член 177 од КД на МТ да покрене иницијатива за дефинирање на ова (расчистување на дилемата), меѓутоа истото го нема направено.
3. Предлагате исплата на 35%, меѓутоа како стимулација за вработените. Би сакал да Ви напоменам дека ова право нема статус на стимулација, туку на други примања, како и сите кои се наведени во член 92 од КД на МТ и нивната висина не може да биде еднострано намалувана. Истовремено, сакам да укажам дека прашањето за стимулација на вработените е предмет на други одредби во КД, а не во член 92 од истиот.
Врз основа на претходно изнесеното, Одборот на Синдикатот смета дека не постои никаков основ да ова право не биде остварено и врз основа на тоа го донесе претходно навдениот заклучок.
Со почит,
СО на МТ
Главен повереник
Јордан Сандев