внесете ја Вашата email адреса и ќе добивате известувања за најновите активности и новости

helen doron Посетете не:
Хелен Дорон English - Кисела вода

Синдикатот бара менаџментот на "Телеком" да не врши притисоци врз вработените

15.07.2005Менаџментот на АД"Македонски телекомуникации" врши притисок врз 50 проценти од вработените да прифатат да заминат на неплатен одмор за период од 18 месеци или да работат со скратено работно време, а во спротивно им се заканува оти ќе ги прераспореди на работното место продажба од врата на врата, за кое поставува норми што реално не можат да се исполнат. Доколку не се исполнат нормите се предвидуваат санкции со откази од работа.

Ова го тврди Синдикатот на вработените во МТ, кој најавува дека ќе ги искористи сите правни средства за заштита на правата на своето членство.

"Во изминатите два и пол месеци раководството, без да го вклучи Синдикатот, спроведува суптилна кампања за спроведување Програма за менаџирање на вработените со алтернативни решенија за скратено работно време и неплатен одмор. Доколку не се одлучат за која било од овие опции на вработените им се заканува прераспределба на работното место продажба од врата на врата. Ако не го прифатат ова или пак не ги исполнат поставените норми тогаш менаџментот настапува со казнена опција за отказ", рече на денешната прес-конференција Јордан Сандев, претседател на Синдикатот на вработените во Телеком.

Сандев го повика менаџментот на "Телеком" да престане со притисоците врз вработените и ако смета дека има вишок вработени во компанијата проблемот да го решава со преговори со Синдикатот.

Според Сандев, вработените во МТ се во агонија и работат под притисок бидејќи досега се повикувани на многупати на разговори на кои им се нудат алтернативните решенија. "Има ситуации кога се распоредуваат на работно место за продажба од врата на врата работници со решенија за инвалидитет, како и магистри со познавање на повеќе странски јазици. Ова е правно неосновано, исто како што се неосновани и заканувањата оти ќе добијат отказ доколку не ги исполнат нормите", рече Сандев.

Синдикатот стои зад своето членство и ќе ги преземе сите расположиви правни средства да ги заштити. Се надевам дека имаме доволно силна законска регулатива со која ќе се докаже дека работите што се преземаат се неисправни", додаде Сандев, демантирајќи воедно оти е постигнат договор со менаџментот за прераспределбата на вработените од службата за обезбедување.

Во АД "Македонски телекомуникации" работат 2.420 вработени, а досега на работното место агенти за продажба се прераспределни 100 вработени, информира претседателот на Синдикатот на МТ.

МИА

Корисни линкови